Интервју со Сара Вон, писателката на бестселерот “Анатомија на скандалот”

Интервју со Сара Вон, писателката на бестселерот “Анатомија на скандалот”

Сара Вон: „Други писатели ме прашуваат дали имам кристална топка. Вистината е, дека јас само слушам вести“

(за Гардиан - Алисон Флод)

 

Додека објавува трилер за познат пратеник, а Нетфликс го адаптира нејзиниот бестселер “Анатомија на скандалот”, поранешната новинарка зборува за моќта, привилегиите и нејзините вознемирувачко претскажувачки романи.

Сара Вон мора да му се заблагодари на Борис Џонсон, барем делумно, за генезата на нејзиниот бестселер трилерот “Анатомија на скандалот”. Поранешната новинарка на Гардијан била дежурна во неделата во ноември 2004 година, еден ден откако Џонсон беше отпуштен од владата на конзервативците затоа што лажеше дека имал афера со Петронела Вајат, и Џонсон и телефонирал токму неа за приказната.

„Ме погоди фактот што тој немаше никаква грижа на совеста дека излажал“, вели Вон. „Имаше многу заобиколувања, вадења и нешто во стилот „сите сме заедно“ - за тоа. Тој пишуваше многу за Телеграф тогаш, така што имаше дефинитивно чувство дека сме заедно во нешто и нема да се зезнеме еден со друг - но да, тој потврди дека приказната е вистинита и изгледаше како воопшто да не изразува каење за тоа. Тоа беше прв пат кога јас станав свесна и се сретнав со јавна личност која призна дека излажала и не изгледа дека тоа и пречи“.

Потоа, во октомври 2014 година, фудбалерот Чед Еванс беше ослободен откако отслужи затворска казна за силување - тој подоцна беше прогласен за невин по жалба – и прочитав еден текст на Алисон Пирсон во Телеграф каде што цитираше локални девојки кои велат дека кога оваа 19-годишна девојка заминала со Чед во неговиот хотел, секако не очекувала дека ќе играат “Не љути се човече”. И јас само размислував за тоа како жените се осудуваат меѓу себе.

Двете набљудувања се споија и се роди приказната на Вон за Џејмс Вајтхаус, стар Итонец[1], министер образован во Оксфорд, кој е обвинет за силување на парламентарната соработничка со која имал афера. Романот, нејзин трет, беше објавен во 2018 година и веднаш стана бестселер. Филмската адаптацијата, во која глумат Руперт Френд како Џејмс, Сиена Милер како неговата сопруга, Софи, Мишел Докери како адвокатката Кејт и Наоми Скот како соработничката, се појави на Нетфликс во април оваа година.

„За мене, “Анатомија…” е всушност за давањето за право и скандалот со давањето за право“, вели Вон и нагласува дека Борис Џонсон „во никој случај не е Џејмс“. „Очигледно не мислам дека тој е виновен за било каков вид на сексуален престап. Мене само ме интересираше неговиот пристап кон вистината. Како што Тереза Меј[2] неодамна кажа во Парламентот, тој или „не ги прочитал правилата, или не ги разбирал, или не мислел дека се однесуваат на него“. Или, како што вели Џејмс во “Анатомија…”: „Ја кажав вистината, доволно блиску. Или вистината како што јас ја видов“.

“Анатомија…”, со своето истражување на согласноста и привилегијата, беше објавена во вистинското време пред четири години. Следниот роман на Вон, “Репутација”, може да биде уште поактуелен. Романот започнува со тело на дното од скалите - тело на новинар на таблоид - и продолжува да истражува како пратеничката Ема Вебстер завршува стоејќи над трупот. Вебстер е лабуристка во владата и самохрана мајка која е немилосрдно тролана кога започнува кампања против одмаздничкото порно. Таа се обидува да го задржи најлошото од нејзината ќерка тинејџерка Флора. Но, Флора има свои социјални проблеми, а Ема - открива дека нејзиниот живот излегува од контрола. Што е таа, а што Флора, без нивната репутација?

Вон, застрашувачки, ги детализира чекорите што ги презема Ема за да се заштити. Шишето со вода на бирото во нејзината канцеларија во случај на напад со киселина. Столот поставен токму така да ги одврати потенцијалните напаѓачи. Торбчки за ножеви; навредливите твитови; анонимните пораки; теророт од возењето велосипед накај дома сама ноќе.

Зародишот на романот била новинарска статија што Вон ја прочитала за пратеничката од Лабуристичката партија Џес Филипс[3], во која таа кажува дека има повеќе дополнителни брави на нејзината влезна врата, како и соба за паника во нејзината канцеларија. Во исто време, Ана Собри[4] исто така беше напаѓана поради нејзиниот став против Брегзит, а Лусијана Бергер[5] добиваше низа антисемитски напади.

„Само се сеќавам дека мислев: „Боже, како ли е да се живее така?“ Нивото на закана на кое сте изложени е толку екстремно: како тоа би го променило Вашето размислување, како би реагирале под тоа ниво на притисок?” вели Вон. „Во исто време, ќерка ми имаше 13 години и бев свесна дека децата се изложени и на малтретирање на социјалните мрежи; дека злоупотребата што ја гледате на Твитер се случува во различна форма на “Snapchat” или “Instagram”. Затоа помислив дека тука има нешто за што треба да се пишува“.

Веднаш откако Вон го заврши својот роман, пратеникот Дејвид Амес беше убиен на собир на гласачите во црква во Леј-он-Си, Есекс. „Целото прашање за безбедноста на пратениците во нивните изборни единици тогаш стана навистина големо“, вели таа. „Имаше многу пораки што ги добив од други автори велејќи: „Дали имаш кристална топка?“ Мислам дека само поминувам премногу долго на Твитер секој ден, читајќи вести и слушајќи радио додека готвам.”

Тоа се должи и на нејзините години поминати како новинар. Студирајќи англиски јазик на Оксфорд - каде запознала момчиња кои, како и Џејмс во “Анатомија…”, „се однесувале како да, се разбира декa ќе добијат први и дека светот е нивен“ - таа поминала една година како келнерка во Девон истовремено обидувајќи се да стекне работно искуство во весници, завршувајќи со стажирање во Асоцијацијата на печатот во 1996 година. „Тоа беше вистинско огнено крштевање“, вели таа, со приказни кои се движат од бомбата во автобусот во Алдвич, до прагот на Џулија Карлинг поради наводната афера на нејзиниотиот сопруг Вил со принцезата Дијана.

Таа започнала да работи во Гардијан во 1997 година (користејќи го нејзиното вистинско име, Сара Хол), поминувајќи таму 11 години како новинар за вести, а потоа и политички новинар. Таа известувала за убиствата во Сохам и судењето на Иан Хантли - го интервјуирала кога тој уште беше само училишен чувар и се има скарано со него; киднапирањето и убиството на судењето на Сара Пејн и Рој Вајтинг; отворањето на истрагата за убиството на Стивен Лоренс. Подоцна, оставката на Питер Манделсон, досието за време на војната во Ирак, Тони Блер под притисок - и секако отпуштањето на Џонсон.

Вон своеволно го напуштила „Гардијан“ во 2008 година, откако го родила своето второ бебе. Таа се занимавала со разни хонорарни работи и почнала да го пишува својот прв роман неделата кога наполнила 40 години, кога нејзиното прво дете тргнало во основно училиште. Романот “The Art of Baking Blind”, раскажува за пет пекари аматери на натпревар, беше објавен во 2014 година, а “The Farm at the Edge of the World” следеше две години подоцна. Темнина и тешки ситуации се појавуваат и во двете книги - но “Анатомија…” дефинитивно беше потфат во подлабоките води.

„Мојата прва книга е за неможноста за совршенство и зошто печеме (готвиме) и навистина за мајчинството. Дојдов до идејата за “Анатомија…” како моја втора книга, но ми рекоа дека е преголем скок да напишам книга за печење, а потоа книга за согласностa, па ја смислив “Фармата“, вели Вон. „Но, “The Art of Baking Blind” е исто така за принудна контрола и сексуален напад, а „Фармата“ има депресија, самоубиство, за малку избегната смрт на бебе - фрлив многу темни работи во моите први две книги, па веројатно е дека секогаш ќе одам во потемна насока“.

Сајмон и Шустер[6] платија седумцифрена сума за “Reputation” и уште еден роман, а “Reputation” неодамна беше избран за екранизација од истиот тим кој ја направи “Анатомија на скандалот”. Вон е категорична дека не би можела да пишува без да работела како новинарка, без да научи како функционира судскиот случај, и видела „привилегии во Вестминстер, набљудување на нерамнотежата на моќта и правата и како сето тоа оди“.

„Откако работев во таа средина и страсно слушајќи вести во изминатиот четврт век, јас сум веќе навикната на на двојниот говор, лизгавоста и моралната двосмисленост - или вакуум - на таквите ликови“, вели таа. „Сакав Ема да биде многу сочувствителна, но Џејмс во Анатомијата не е. Работата во Парламентот, а исто така и известувањето за судењата, значи дека сум видела ликови со големо его како продолжуваат да ја наметнуваат својата моќ и се прашував зошто би се ставиле во оваа позиција кога имаат многу да изгубат“.

Репутацијата е клучна тема за Вон. Нејзиниот четврти роман,”Little Disasters” (Мали катастрофи), во кој жена-педијатар е принудена да се соочи со вистината кога нејзината пријателка го носи своето бебе во амбуланта со повреди кои немаат смисла, се случува повеќе на домашен фронт. „Сите тие се за осудување, контрола и моќ“, вели Вон. „Мислам дека сè уште постојат огромни двојни стандарди во начинот на кој жените се перцепирани во споредба со мажите. Треба само да ги погледнете Меган и Хари. Или дури и Кери Џонсон[7] - таа очигледно ќе биде жртвено јагне за некои луѓе кои го оправдуваат однесувањето на Борис Џонсон“.

Инспирација за иден роман? „Па, ја започнав мојата нова книга; Сè што можам да кажам е дека вестите ги сметам за инспиративни како и секогаш“, вели таа.

Новата книга на Сара Вон “Reputation” е веќе објавена од Simon & Schuster на 3 март а филмската адаптација на “Анатомија на скандалот” е достапна на Нетфликс од 15 април оваа година.

 

*Оргиналниот текст е објавен на порталот на “The Guardian” на 17 фебруари 2022г. и истиот можете да го погледнете на следниот линк:

https://www.theguardian.com/books/2022/feb/16/sarah-vaughan-interview-crystal-ball-anatomy-of-a-scandal-reputation

 

 

[1] Човек образуван во Итон колеџот, еден од најпрестижните машки интернати во Англија, каде своето образование го имаат стекнато многу познати личности како и членовите на кралското семејство

[2] Тереза Мери, Лејди Меј е британска политичарка која беше премиер на Обединетото Кралство и лидер на Конзервативната партија од 2016 до 2019 година. Таа беше министер за внатрешни работи од 2010 до 2016 година во владата на Камерон и беше член на парламентот во Мејденхед во Беркшир од 1997 година.

[3] Џесика Роуз Филипс е британска политичарка која е пратеничка во Бирмингем Јардли од 2015 година. Член на Лабуристичката партија, таа е министерка во сенка за семејно насилство и заштита во опозициската клупа од 2020 година.

[4] Ана Мери Собри е британска адвокатка, новинарка и поранешна политичарка која беше пратеничка во Брокстоу од 2010 до 2019 година. Позната по нејзината поддршка на проевропските политики, таа првично беше избрана како конзервативец, но ја напушти партијата за да се приклучи на Change UK во 2019 година.

[5] Лусијана Клер Бергер е британска поранешна членка на парламентот, која беше пратенчка од 2010 до 2019 година. Првично беше член на Лабуристичката коалиција, во 2019 година таа ја напушти и беше ко-основач на Независната група, подоцна Change UK , пред да се приклучи на Либералните демократи

[6] Simon & Schuster, американска издавачка компанија

[7] Керолин Луиз Биван Џонсон е сопруга на британскиот премиер Борис Џонсон.

Назад кон блогот